Судскиот процес против Лазе Радески кој се товари за убиство на продавачите на девизи, Трајче Цоцески, Спиро Ставрески и Раим Ракип, ќе продолжи денеска во Основниот суд во Охрид со распит на блиски роднини на покојните.


Судскиот процес започна вчера со распит на обвинетиот  Лазе Радески, кој го смени исказот даден во истражната постапка.   Радески пред судот го призна убиството на Трајче Цоцески, извршено на 20 април оваа година, но негираше дека ги убил Раим Ракип исто така уличен продавач на девизи кој исчезна во 2006 година и Спиро Ставрески кој беше убиен на 8 февруари минатата година. Радески во исказот пред судот рече дека нив ги познавал само од видување и дека од нив немал земено на заем никакви девизи, освен 3000 денари од покојниот Спиро Ставрески кои ги вратил на неговата сопруга. Радески рече дека исказот пред истражениот судија во кој ги признава убиствата на тројцата дилери на девизи го дал под присила. Адвокатот на обвинетиот, Емил Балабан, рече дека во истражната постапка има повеќе недоследности и побара по изнесување на сите докази да биде извршен дополнителен распит на обвинетиот.


Процесот против  Лазе Радески го води Судски совет со кој претседава судијката Милка Танеска, а во кој уште членуваат  судијата Милчо Клишески и тројца поротници.

Ohridnews