Судењето на британецот Николас Морли, осомничен дека како учесник во меѓународното рели „Гамбол“ 3000 на 2 мај ја предизвикал тешката сообраќајна несреќа во која настрадаа сопружниците Владимир и Маргит Чепуњоски, ќе продолжи денеска во Основниот суд во Струга со исказ на сведокот на одбраната Метју Мек Конвил.
Кривичниот совет при Основниот суд во Струга на рочиштето што се одржа во понеделникот го прифати ваквото барање и го прекина судењето за да и се овозможи на одбраната да го обезбеди сведокот Метју Мек Конвил, кој беше совозач на Морли кога се случи сообраќајната незгода.
денеска продолжува судењето на Морли
Претходно судот го одби барањето на одбраната како доказ да бидат земени во предвид вештачењата што на нејзино барање ги направиле македонскиот експерт Винко Гаица и британскиот форензичар, д-р Ричард Ламбур. По ваквата одлука одбраната се реши за сведок да го повика Метју Мек Конвил.
Доколку денеска заврши сослушувањето на Мек Конвил, можно е да бидат дадени и завршните зборови на обвинителството и одбраната, со што и ќе заврши главниот претрес во судскиот процес против Николас Морли.
Г. Момироски