Според податоците на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, во југоисточниот дел на Македонија досега се регистрирани околу 180 земјотреси. Серијата потреси започна на 23 мај во 13.30 часот и се уште трае. Ноќеска, на 25 мај беа почувствувани уште неколку земјотреси, од кои најсилните беа регистрирани во 00.20 часот и во 00.46 часот, во регионот на Богданци и на Валандово, со интензитет од 5 степени според Европската макросеизмичка скала, соопшти Центарот за управување со кризи.
    
Епицентрите на овие земјотреси се наоѓаат на околу 125 километри југоисточно од Скопје и потекнуваат од валандовското епицентрално подрачје. Најсилниот потрес е почувствуван вчера во 18.17 часот, со интензитет од 7 степени според Европската макросеизмичка скала. Неколку минути подоцна, во 18.23 часот е регистриран уште еден посилен земјотрес со јачина од 6 степени, а со ист интензитет е регистриран и потресот во 21.37 часот.
     
На овие два потреса им претходеа уште неколку, со интензитет помеѓу 3 и 6 степени според Европската скала, кои беа почувствувани во Дојран, Боданци, Валандово, Струмица и Гевгелија. Серија земјотреси во овие подрачја биле почувствувани и во текот на ноќта како и утрово.

Земјотресите предизвикаа оштетувања на повеќе куќи во села во Валандовско, што предизвика дополнителна вознемиреност кај населението, кое ноќта ја мина под отворено небо. Владини претставници и екипи на Центарот за управување со кризи сионоќа ги посетија епицентралните подрачја изразувајќи подготвеност да помогнат во санирање на поселедиците од земјотресите кои ја зафатија Југоисточна Македонија.

Ohridnews