Задоволство е да се биде дел од нешто што ќе се направи ново, да се започне нешто ново, посебно кога знаете дека тоа што го почнувате ќе значи подобри услови за работа, подобри услови за растење на тие дечиња кои што овде во ова основно училиште го поминуваат оној прв образовен дел од својот живот, рече претседателот на Владата, Христијан Мицкоски при денешното поставувањето камен темелник на спортска сала во склоп на ОУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец.

Премиерот денес заедно со градоначаЛникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, министертот за спорт Борко Ристовски, претставници од локалната, пратеници во Собранието, извршија увид во изградбата на постоечките и го одбележаа почетокот на градба на повеќе други проекти.

Заедно со градоначалникот, Општината, со надлежните во Владата, пратениците од овој регион, заедно со охриѓани, го започнуваме овој проект кој што многу значи.  Јас сум навистина горд и среќен што сум дел од почетокот на оваа спортска сала. Градоначалникот има прилично амбициозна агенда, самиот кажа дел од проектите кој се веќе во процес. Инаку, вредноста на овој проект е некаде околу 30 милиони денари, плус Булеварот (7 Ноември) над 40 милиони денари, плус повеќенаменско игралиште итн. Заедно со училиштето на кое што се работи еден навистина импозантен инвестициски циклус. Дополнително сега со ребалансот ќе бидат предвидени средства за општините и за нови проекти за до крајот на оваа година. Подготвени се од општината проекти за следната година, така што тоа што со децении не било работено овде во Охрид и низ Македонија, ќе биде сработено сега. И навистина сум горд што можам како претседател на Владата да бидам дел од сите овие почетоци, а се надевам дека наскоро од сега ќе бидам дел и од завршувањето и пуштањето во употреба, бидејќи на крајот од денот тоа е и важно, истакна Мицкоски.

Посочи дека тоа што го ветиле пред граѓаните ќе го исполнуваат, ќе продолжат и понатаму, како Влада, да давааат се од себе, имајќи предвид, како што рече, дека состојбата која што ја наследиле е алармантна.

Но, не треба да се жалиме, тоа е што е, проблемите се тука и за проблемите треба да се нудат решенија и проблемите треба да се решаваат. Подготвени сме, мотивиран е целиот владин тим, така што продолжуваме и понатаму да ги решаваме проблемите и да работиме на нови проекти, како што е овој овде во Охрид. Му благодарам на градоначалникот што посветено работи, благодарам на општинската администрација, благодарам и до советниците многу ни значи поддршката. Наше е да продолжиме да испорачуваме заедно со нив, додаде Мицкоски.

Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков, истакна дека со спортската сала во ОУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец, проект ветуван 30 години, конечно ќе излезе на виделина, најавувајќи притоа и отпочнување на други проекти и завршување на веќе посточките.

Ќе добиеме модерен спортски комплекс, бидејќи на оваа ќе се надоградат уште неколку инвестиции. Меѓутоа започнуваме со спортска сала каде не само учениците туку и жителите ќе можат да уживаат и да се рекреираат. Втората работа е започнување на еден значаен, суштински проект, тоа е мултифункционалното повеќенаменско игралиште во населбата Водобишта што беше и дел од мојата програма. Го отпочнуваме и тоа денес, фрламе камен темелник. Третата работа е официјално пуштање на улицата „7-ми Ноември“. На оваа улица од септември започнува реконструкција на кружниот тек, така што ќе добиеме една комплетна сообраќајница, на претходно веќе реконструираниот пат или улица „15-ти Корпус“, кружниот тек и улицата „7-ми Номеври“. Во нарачка ни е проектот за делницата од Лескоец до Косел да добиеме еден модерен влез во Охрид од страната на Битола, истакна Пецаков.

Посочи дека ќе се изнајде начин и за помрднување на работите од место кога станува збор за изградбата на затворениот базен во Охрид, проблем кој рече постои веќе десет години.

Ќе пробаме со министерот за спорт Борко Ристовски да изнајдеме начин, дали со нов изведувач, знае министерот тоа како ќе го направи. Меѓутоа ние како град сме подготвени во една заедничка соработка да ја продолжиме изградбата на овој објект и Охрид конечно да добие затворен базен, нешто што граѓаните од самото осамостојување па се до денес го посакуваат, додаде Пецаков.

Н.С.Ј.