По вчерашното свечено започнување, во Охрид, Струга, Вевчани и општина Дебрца, продолжуваат да се реализираат содржините од традиционалниот Балкански камп за деца и млади: “Поетски искри од огништето на Ванчо Николески”.

Визуелно и со директно присуство, учествуваат млади автори, поетски надежи од Бугарија, Србија, Албанија и нашата земја. Согласно препораките на Министерството за култура, Кампот се одржува со примена на строгите протоколи за заштита.

Учесниците, меѓу другото, беа во посета на Вевчани, каде беа примени од градоначалникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски, со кого останаа во подолг пријатен разговор.

За нив, особено, беше импресивно разгледувањето и прошетката во комплексот на недопрена природа од Вевчанските извори, но и Спомен куќата на Михајло Пупин, таткото на глобализацијата, чии претци живееле во ова село.

Во хотелот „Дрим”, на отворено, во амбиентот на “Струшките крајдримски кепенци”, учесниците на Кампот имаа средба со директорот на Струшките вечери на поезијата, Тодорче Тасевски, кој им подари книги – изданија на струшкиот поетски фрестивал.

Утре, на третиот и завршен ден, учесниците ќе го минат во селото Црвена Вода, општина Дебрца, каде ќе имаат средба со градоначалникот на оваа општина, Зоран Ногачески.

Балкански камп за деца и млади: “Поетски искри од огништето на Ванчо Николески”, се одржува во организација на Здружението “Мацково”, со финансиска поддршка на Министерството за култура и општините Охрид и Дебрца.

Од оваа година Кампот се одржува под патронат на Светската академија на поезијата на УНЕСКО, чиј генерален секретар д-р Лаура Троиси и годинава испрати специјално Послание до учесниците.

OhridNews