Спасувачките екипи и пожарникарите и денеска продолжуваат со операцијата на потрага и проверка на вагоните за преживеани и исчезнати лица по железничката несреќа што во вторникот вечерта се случи кај месноста Темпи во близина на грчкиот град Лариса, во која најмалку 42 лица го загубија животот.

Паралелно со спасувачката акција, продолжува и идентификацијата на жртвите во болницата во Лариса, преку ДНК примероци од роднините на лица кои биле во возот, додека пак и понатаму, бројот на исчезнати останува непознат.

На социјалните мрежи, од синоќа се објавуваат фотографии на студенти – патници во возот за кои нивните семејства бараат помош и било какви информации.

За железничката несреќа веќе е уапсено едно лице, 59-годишниот шеф на железничката станица, кој се чини, според грчките медиуми, дека признал дека направил грешка во насоките што им ги дал на машиновозачите и на патничкиот и на товарниот воз, што резултираше со директен судир.

Се очекува, во текот на денешниот ден, уапсениот да биде изведен пред истражен судија и обвинител.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, вчера, по враќањето од местото на несреќата рече дека „се чини дека драмата се должи, за жал, главно на трагична човечка грешка“ .

По оставката на министерот за транспорт и инфраструктура Костас А.Караманлис, кој ја презеде политичката одговорност, на негово место, до изборите, доаѓа досегашниот државен министер Јоргос Герапетритис, а Мицотакис најави дека од него побарал формирање независна експертска комисија, која „целосно ќе ги испита причините за несреќата, но ќе ги разгледа долгогодишните доцнења во реализацијата на железничките проекти“.

Федерацијата на вработените во железницата за денеска закажа 24-часовен штрајк, со што ќе биде во прекин железничкиот сообраќај, а во знак на солидарност на штрајкот се придружија и вработените во атинското метро.

Поради трагедијата кај Темпи, вчера во Атина се одржа протест пред зградата на „Hellenic train“ каде што се случија инциденти меѓу демонстрантите и полицијата, а и за попладнево е закажан нов собир.

Во Грција денеска е втор ден на жалост, а земјата живее една од најголемите железнички трагедии во последните 50 години.

OhridNews

Фото: АНА-МПА