И денес вработените во Македонска пошта подружница Охрид протестираа во периодот од 08.00 до 10.00 часот. Како што информира претставникот на Синдикатот на Македонска пошта во Охрид, Тони Матески протестот продолжи заради тоа што до овој момент сеуште не е исплатена февруарската плата и сеуште нема одговор од страна на генералниот директор кога ќе има исплата на платата.

Протестите ќе продолжат се додека не се исплати платата. Се очекува во секој момент да се одржи состанок на претседателството на Синдикатот на Македонска Пошта на кој што ќе се донесе одлука на отпочнување на постапка за штрајк со реафирмирање на веќе постоечките барања искажани, забележани и преточени во вид на заклучоци во досегашните спогодби со менаџерскиот тим на Пошта. Но, за жал ништо или многу малку е од сето тоа имплементирано, вели Матески.

Повторно ги потенцира проблемите со лошата кадровска политика, истакнувајќи дека од една страна е немањето волја за коренити реформи, а од друга страна се помалку стручен кадар.

Основен проблем за се ова е лошта кадрова политика, односно тоа што од една страна се нема волја да се започне со коренити реформи но, од друга страна имаме се помалку стручен кадар и непосредни извршители во технолошкиот процес кој би го понеле товарот на реформите, и едноставно по сопствена волја ја напуштаат компанијата заради ваквата неодржлива и незавидна ситуација. Затоа, пак, за сметка на тоа имаме огромен број на партиски вработувања на нестручен и апсулутно непотребен кадар кој што ниту може, ниту знае, ниту пак има волја да отпчне со вакви процеси кои што значат спас за друштвото, додава Матески.

Вработените во Македонска пошта протестираа и во текот на вчерашниот ден барајќи исплата на плати за месец февруари, но и решение за состојбата во поштенското претпријати.

Н.С.Ј.