После правната голгота што ја претрпеа неколкуте граѓани од Охрид докажувајќи ја сопственоста врз становите во зградата на улица „Карпош Војвода“ изградена од АДГ „Трудбеник“ од Охрид и нерешените должнички односи на релација АДГ „Трудбеник“ и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, сега сопствениците на становите повторно се соочуваат со, како што велат, противправни дејанија, дополнителни материјални трошоци и психичка тортура.

Спротивно на правосилното решение на Основниот суд од Охрид и Апелацискиот суд во Битола, со кое на сопствениците на становите им е потврден имотниот статус, односно неспорната сопственост врз односните станови, Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор по пат на своеволие повторно ангажира Извршител кој спротивно на законската одлука и неговите овластувања, презема активности за насилно попишување на становите, велат засегнатите граѓани.

Според решението на Апелација, станарите правото на сопственост го стекнале уште со купувањето на истите, значаен временски период пред воопшто да биде покренат судскиот спор меѓу АДГ „Трудбеник“ и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Уште повеќе, со одлуката на Основниот суд од Охрид, потврдена од Апелацискиот суд во Битола некои од сопствениците на односните станови веќе поседуваат имотни листови.

Повторно сега сме доведени во ситуација да ја докажуваме неспорната сопственост, за која веќе поседуваме судски решенија и дел од нас веќе и имотни листови за односниот имот кој веќе не фигурира на име АДГ „Трудбеник“. Во оваа новонастаната ситуација испаѓа дека за Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор и за извршителот не важат судските решенија и оти попусто сопствениците на становите низ единствениот можен законски пат ја докажале сопственоста врз односниот имот, потенцираат станарите.

Тие додаваат дека правно недозволиво е сувереното право на сопственост да биде оспорувано од страна на државата (овојпат преку Јавното претпријатие за стопанисување на деловен и станбен простор), која наместо своите побарувања да ги спроведува преку имот на должникот, истите да ги спроведува преку луѓето кои становите си ги купиле со свои средства.

Дел од засегнатите сопственици на станови покрај правниот лек обжалување на покренатата постапка на извршување, најавуваат дека ќе покренат и кривична пријава против Јавното претпријатие за стопанисување со деловен и санбен простор, АДГ „Трудбеник“ и судскиот извршител.

OhridNews