Продолжува и денеска спасувачката акција и потрагата по третиот исчезнат македонски државјанин, во Посиди, на првиот крак на Халкидики, откако вчера и завчера беа пронајдени живи неговите двајца пријатели, јави дописничката на МИА од Атина.
Вчерашната акција, во вода, од воздух и на копно, на грчката крајбрежна служба, на военото воздухопловство, на спасувачки тимови и волонтери во Посиди, не донесе резулата во обидите да се пронајде 28-годишниот.
Од грчката крајбрежна служба, доцна синоќа соопштија дека потрагата „ќе продолжи со разденувањето“, а за било каква разврска ќе информираат со ново соопштение.
Во однос на пронаоѓањето на 30-годишниот Иван, од крајбрежната служба објаснуваат дека бил лоциран вчера во утринските часови од хеликоптер на военото воздухопловство, во морската област околу 15 наутички милји западно од Посеиди.
Првично бил преземен од танкер, а потоа префрлен на патролен чамец на крајбрежната служба и пренесен на пристаништето во Неа Скиони.
Како што вчера објави МИА, спасениот со насмевка на лицето, смирен, опуштен и во добро расположение, стапна на копно, а на пристаништето беше пречекан со аплауз од присутните, но и од голем број новинарски екипи кои детално го следат случајот со исчезнатите македонски туристи.
30-годишниот преживеал 19 часа во вода, држејќи се за мала топка која му го спасила животот.
Спасувачката акција и потрагата започнаа во саботата во попладневните часови, кога тројцата македонски државјани влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот.
Дел од присутните на плажата забележале дека капачите ги снемало и веднаш ја информирале крајбрежната служба, по што започна и акцијата.
Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот Васил беше спасен во саботата по поминати околу два часа во вода, додека пак вчера, беше пронајден и 30-годишниот Иван.
OhridNews