Во своето обраќање, претседателот Иванов истакна дека дијалогот е најсигурен пат до мирот, а конференциите како оваа се одговор на горливото прашање за вистинските модалитети за живеење на дијалогот, во време кога нетолерантноста и ксенофобијата се закануваат да го уништат неговото постоење.
– Сите ќе се согласите дека мирот е претпоставка за економски развој секаде, а особено на Балканот. Но и обратно, економскиот развој е најсилниот темел врз кој се потпира мирот, секаде, а посебно на Балканот. Нам ни е потребна поддршка на нашиот општествен и социјален модел, за да можеме да зачекориме во сферата на слободен и одржлив развој. Исто како што на западниот модел на економски развој му треба Западниот Балкан, отворениот економски простор, и нам ни треба поддршка да го изградиме нашиот економски просперитет, кој е најодржлив мировен концепт, воопшто во светот, рече претседателот.
Во рамки на конференцијата ќе биде промовирана и книгата „Света Русија“, која говори за силното православие во Македонија и во Русија.
Во рамки на Конференцијата, македонскиот државен и црковен врв ќе одржи бројни билатерални средби.