Сите заедно се боревме во Дебрца да нема регионална депонија, да ја сочуваме нејзината чистота и природна убавина и успеавме. За жал, некои како да заборавија на таа борба и опасност и во последниве неколку месеци сведоци сме на неконтролирано депонирање на инертен отпад/градежен шут на секаде, и на места кои во изминативе години на општински трошок по неколку пати сме ги чистеле, со што директно се загрозува природната и животната средина, вели градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Воедно ги посочува депониите кај мостот на патот Волино Требеништа и покрај старото корито на река Сатеска во месноста Аџица во село Волино, потоа во непосредна близина на каптажите за вода кај Св.Мартинија во село Требеништа, под поранешното фудбалско игралиште во село Оровник, кај Црвени Брегови во село Мешеишта, на влезот во село Грко Поле, кај фудбалското игралиштето во село Лешани, кај Царо Поле во село Ново Село и долж патот од Белчишта кон Сини Вирој.

Сите овие локации во изминатиот период општината ги има повеќекратно чистено. Од совесни граѓани добив слики за депонирање на отпад и во местноста Црвени Брегови во Мешеишта. 90% од прекршителите се детектирани и на сите ќе им бидат доставени записници и задолженија во најкраток рок да ги санираат локациите или отстранат отпадот. Во спротивно ќе бидат поднесени пријави, за кои согласно законот се изрекуваат високи глоби, потенцира Ногачески.

Додава дека согласно член 54 од Законот за управување со отпад инертниот отпад се депонира на депонии за кои општината има добиено согласност од Министерството за животна средина.

Бидејќи Општина Дебрца нема таква депонија инертниот отпад треба се депонира кај овластени собирачи на таков отпад за што се плаќа одреден надоместок. Ве уверувам дека никој инвеститор и транспортер на инертен отпад спротивно на законот било да се работи за физичко или правно лице нема да биде изземен. Сите прекршители кои нема да постапат по задолжението на општината ќе бидат и јавно објавени. Ги охрабрувам граѓаните до општината да го пријавуваат секој ваков случај. Нула толеранција за дивите депонии, порачува Ногачески.

OhridNews