Едукација и подигнување на свеста за безбедно и одговорно патување во текот на летото и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви во нив е целта на едукативната кампања „Не летај, летувај“, што деновиве продолжува да се реализира во Охрид.

На повеќе фрекфентни места и сообраќајници во градов, полициски службеници имаат зачестено присуство, вршат проактивни и едукативни активности со сите учесници во сообраќајот, делат едукативните материјали и на тој начин,  превентивно дејствуваат кон  едукација и подигање на свеста и совеста на учесниците за поголема безбедносна култура, почитување на сообраќајните правила и прописи а пред се почитување на брзината на движење по коловозите. Целта е севкупно подобрување на безбедноста во сообраќајот и елиминирање на можностите за сообраќајни незгоди.

Кампањата отпочна пред почетокот на туристичката сезона во организација  на Министерството за внатрешни работи и Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), а веднаш потоа во Охрид ја спроведе Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот (ОСБСП).

Според РСБСП,  деновите наменети за летен одмор, во Македонија и во светски рамки се познати како најфатални денови на патиштата кога бројот на сообраќајни незгоди со фатални последици драстично се зголемува. Како одговор на оваа загрижувачка појава и на црната статистика, светските организации секоја година ја реализираат кампањата „100 Deadliest Days of Summer“.

Ohridnews