Продолжува хуманата мисија на гимназијалците. И годинава беа поправените и подарени компјутери на социјално ранливите категории – иницијатива на професорот по информатика Дарко Цветкоски која ја реализираа учениците во ОСУ „Свети Климент Охридски“ во текот на целата година преку собирање и поправање компјутери и компјутерска опрема која на крај завршува во рацете на оние на кои им се најпотребни, а немаат услови да си го овозможат тоа.
Само оваа година успеавме да насмееме повеќе од 50-тина лица на кои им беа подарени компјутери, но и таблети и мобилни телефони. Во акцијата секоја година се вклучуваат се повеќе ученици. Апел до сите кои имаат уреди, а не ги користат или кои не им се во функција да ни ги достават, ние ќе ги оспособиме и истите ќе бидат донирани каде што се најпотребни, вели професорот Цветкоски.
Оваа година, посочува на хуманите ученици им се придружија и членови од Младинската заедница од Гимназијата, а акцијата ја реализираа и во соработка со Црвен крст Охрид.
Тој што дава е посреќен од тој што добива! Кога имате доволно за себе вишокот споделето го со другите! Да бидеме пример за најмладите, тие не учат само од она што им зборуваме туку го повторуваат она што гледаат дека го правиме, затоа да им дадеме добар пример!, порачува Цветкоски.
Инаку, акцијата започна во 2022 година и успшено се реализира веќе трета година по ред, со надеж од година во година да станува уште поголема.
Н.С.Ј.