Продолжува Граѓанска наука во Национален парк Галичица. Истата ја вклучува јавноста во елементите на истражувачкиот процес, обезбедувајќи вредни научни сознанија и уникатно образовно искуство за учесниците.
Во изминатиот период постигнавме голем успех. Успеавме да евидентираме седум од зададени 13 Натура 2000 видови. Најчест пронајден вид беше ридската желка или Testudo hermanni. Семејството на Граѓанска наука броеше 50 волонтери од кои најголем број беа планинари. Изработивме Прирачник за зададените 13 Натура 2000 видови и реализиравме 7 работилници. Волонтерите беа обучени за користење на мобилни апликации, а реализиравме и теренски активности за волонтерите да стекнат повеќе искуство за пронаоѓање на видовите, велат од НП Галичица.
Додаваат дека и наредната година ќе има повторно дружби, работилници и теренски активности, а во следниот период ќе споделат повеќе информации околу почеток на работилниците и можноста за пријавување на нови волонтери.
ЈУНП Галичица во месец ноември, минатата година, започна со реализација на Citizen Science или Граѓанска наука, во рамки на проектот Натура 2000 кој се спроведува од страна на Министерство за животна средина и просторно планирање. Беше потенцирано дека НП Галичица ќе ја користи граѓанската наука во извршувањето на својата мисија, со цел да ги зачува природните и културните вредности и да обезбеди уживање и образование за посетителите.
OhridNews