Зад затворени врати, денес продолжува втората рунда од преговорите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за надминување на политичката криза со посредство на меѓународни посредници во Брисел, објавија националните медиуми.
-Не можам да дадам било каква изјава за претстојната средба во Брисел помеѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, таков е договорот, рече вчера европратеникот Иво Вајгл, во изјава за медиумите. Тој потврди дека форматот на средби ќе биде идентичен како и пред Велигденските празници.
На првата средба пред две недели, опозицијата ја претставуваа заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска, Рената Треневска-Десковска и Виктор Габер, додека од страната на ВМРО-ДПМНЕ беа министрите Никола Попоски и Никола Тодоров, како и пратеникот Илија Димовски.
Посредници во дијалогот се поранешниот и новиот известувач за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит и Иво Вајгл, и европратеникот од Словачка Едвард Кукан. Првата средба беше иницијална и ставовите на партиите не се доближија ниту за милиметар, а од состанокот излезе само штуро соопштение, според кое сите учесници се договориле дека разговорите ќе продолжат.
OhridNews