Бојкотот на наставата на учениците Македонци во средното училиште „Ибрахим Темо“ ќе продолжи, откако ниту по синоќешната средба на класните раководители со родителите на учениците не беше постигнат никаков договор. И покрај апелот што раковоството на училиштето го упати до родителите да влијаат децата да се вратат на настава, тие не го променија ставот и им изразија полна поддршка на учениците во нивните барања. „Ние сакаме нашите деца да одат на училиште но по бројните инциденти и тепања јас не можам да ја пуштам мојата малтретирана ќерка повторно да минува низ истите проблеми. Едноставно не е безбедно и затоа во целост ги подржуваме барањата на учениците за воведување јазични смени“, ни изјави Евтим Голицоски-родител на средношколец од „Имрахим Темо“.
Се плаши за безбедностана своето дете-Евтим Голицоски
„Сакаме соживот но не сакаме јас и моите деца да живееме со страв“, беше речено на средбата на родителите на учениците Македонци по состанокот со класните раководители. Родителите уште еднаш го реафирмираа барањето за воведување јазични смени, затоа што според нив не постојат уислови за безбедно одвивање на наставата во мулти-етнички смени. Тие својот став им го пренесоа на претставниците на министерството за образование на средбата што зад затворени врати требаше да се одржи доцна синоќа.
Родителите ги одобруваат постапките на своите деца
Претходно раководството на С.У.„Ибрахим Темо“ предупреди дека доколку продолжи бојкотот на наставата постои опасност учениците да го изгубат статусот на редовни ученици. Раководството на учлилиштето и натаму останува на ставот дека не постојат технички услови за воведување јазични смени и бара учениците да се вратат на настава.
Против воведувањето етнички смени е Локалната самоуправа, која смета дека тоа ќе доведе до нови поделби во Струга. Против било каква поделба по етничка основа е и меѓународната заедница, која најави дека будно ќе го следи развојот на настаните во Струга.
Г. Момироски