Учениците од завршните години во охридската гимназија и стручното училиште „Св. Кирил и Методиј“, го продолжуваат бојкотот на наставата, незадоволни од реформите во средното образование.

Синоќа во гимназијата се одржал состанок помеѓу претседателите на класови, советот на родители, класните професори и раководителите на кој се дискутирало за настаната ситуација. Како што информира директорот Звонко Трпески, целта на одржувањето на состанокот била да се изнајде соодветен начин за да продолжи наставата и да се презентираат последиците кои ќе ги сносат учениците поради губењето на часови.

Губењето на часови и нереализираниот фонд и програма оди на штета на учениците. Според законот изгубените часови мора да се надоместат. Сега се соочуваме и со недостиг од време затоа што се ближи крајот на учебната година, поради нереализираната програма нема да може да се одработи четвртата писмена работа, а со тоа не може да се стави и годишната оценка. Без реализирана програма не може да се полага и матурата и да се направат потребните подготовки околу изборните предмети. Сето тоа на вчерашнот состанок им беше презентирано на родителите кои беа со поделени ставови, вели директорот Трпески.

Со совет до учениците да се вратат на настава и директорката од економското училиште „ Св. Кирил и Методиј“, Славица Костоска.

Наставата мора да се реализира. Сите ученици кои губеле часови мора подоцна да ги надокнадат, според направен распоред, независно дали тоа ќе биде во денови од викенд или после редовната настава, вели Костоска.

Членови на средношколскиот пленум велат дека бојкотот продолжува и очекуваат деновиве да дојде до бараната средба со претставници на Министерството за образование на која ќе се разговара за барањата на учениците. Сепак колку ќе трае бојкотот и во кој обем ќе се одвива, ќе зависи од заинтересираноста на самите ученици, бидејќи секој одлучува индивидуално за ова прашање, вели член на пленумот од Охрид.

Средношколците бараат враќање на стариот концепт на матура и укинување на екстерното тестирање.

OhridNews