Уште една ноќ, пожарникарите и волонтерите на грчките острови Родос и Крф се бореа со огнената стихија, со оглед на тоа што пожарите сѐ уште се вон контрола, а од рано утрово повторно интервенираат и воздушните средства, јави дописничката на МИА од Атина.
На Родос пожарот е активен веќе деветти ден, а вчера огнените јазици беа многу блиску до села во југоисточниот дел на островот.
Слична е ситуацијата и во северниот дел на островот Крф, каде што во текот на вчерашниот ден имаше неколку разгорувања на активните жаришта во близина на населени места, кои превентивно беа евакуирани.
На Евија, рано утрово состојбата со пожарот е значително подобрена.
Во гаснењето на пожарот во јужниот дел на островот, вчера кусо пред 15 часот се урна грчки Канадер, а животот го загубија двајцата пилоти на возраст од 27 и 34 години.
Поради трагичниот настан во грчката армија е прогласена тридневна жалост, а премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис ја одложи официјалната посета на Кипар закажана за денеска.
OhridNews
фото. МИА