Од Агенцијата за катастар на недвижности со потсетување на законската обврска на сите иматели на инфраструктурни објекти, најдоцна до 24 април 2016 година, до катастарот да достават пријави за запишување, односно евидентирање на 40% од инфраструктурните објекти со кои располагаат, а најдоцна до 24 април 2018 година да достават пријави за запишување, односно евидентирање на преостанатите 60% од инфраструктурните објекти.

– Со цел навремено исполнување на законската обврска, по предлог на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија го продолжи рокот за имателите на инфраструктурните објекти кои треба да поднесат барање за легализација на нивните инфраструктурни објекти. Новиот рок за поднесување барање за легализација на инфраструктурни објекти е 31.12.2015 година и апелирам до сите иматели на инфраструктурни објекти да ја искористат оваа историска шанса за да ги легализираат своите инфраструктури, рече на прес конференција директорот на Агенцијата за катастар, Славче Трпески.
 
Причината за продолжување на рокот за поднесување барања за легализација на инфраструктурните објекти е поради тоа што во моментот на донесување на Законот за легализација на дивите градбине постоеше Катастар на инфраструктурни објекти, па поради тоа голем дел од имателите на инфраструктури немаа поднесено барање за легализација.
 
Во моментов според податоците од Министерството за транспорт и врски,  вкупно се  поднесени 2592 барања за легализација на инфраструктурни објекти.
 
На барање на инвеститорите, Владата на Република Македонија пред  три дена го усвои предлогот за донесување измени на Законот за катастар на недвижности, со кои ќе се овозможи  секое  решение издадено од општините или Министерството за транспорт и врски со кое се одобрува изградба на нова инфраструктурна градба (пример Решение за изградба на оптички кабел ), да биде основ за  предбележување на инфраструктурата во катастарот. По предбележувањето, Катастарот ќе издаде Лист за предбележување на инфраструктурниот објект,  со кој инвеститорот  ќе може да го заложи пред деловните банки, со цел да добие дополнителни средства за реализација на инвестицијата. Од агенцијата очекуваат дека на овој начин, исто како и кај предбележувањето на згради, и предбележувањето на инфраструктурните објекти да придонесе за  експанзија на градењето на нови инфраструктури.

OhridNews