Американската Академија за филмски уметности и наука го продолжила рокот за номинирање филмови за наградата Оскар до петок, поради проблемите со новиот систем за електронско гласање. Академијата во понеделникот изразила загриженост дека новиот систем би можел да доведе до мал одзив кај бирачите, членови на академијата кои со гласање одлучуваат кои филмови ќе бидат номинирани.
Некои од членовите на Академијата изјавиле дека имале потешкотии да пристапат до системот за гласање преку интернет, и изразиле загриженост дека истиот би можел да биде хакиран. Од оваа година членовите, кои ги има околу 6000, имаат избор да гласаат преку интернет или преку пошта, што би требало да им остави повеќе време да ги видат номинираните филмови пред доделувањето на Оскарите закажано за 24 февруари.