Општина Охрид го продолжи рокот за аплицирање на Конкурсот за доделување бесплатни курсеви за заварувачи, готвачи, шивачи и машинисти кои се наменети за невработени лица од Охрид. Тоа значи дека заинтересираните кандидати можат да ги поднесат своите апликации до 6-ти јуни 2015 година.

Според планираното, со курсевите треба да бидат опфатени по пет лица од секоја од наведените стручни профили. Право на пријавување за овие курсеви имаат лица кои се евидентирани  како невработени, а кои активно бараат работа, кои се социјални случаи или живеат во семејства со ниски месечни примања и истите се жители на Охрид. Притоа овие лица не смее да  посетуваат ист курс во друга институција или фирма.     

Курсевите за заварувачи, шивачи и машинисти-фини подесувачи на машини за невработени лица ќе се одржуваат во Работничкиот универзитет „Кузман Шапкарев“ во текот на 2015 година, а курсевите за готвачи ќе ги спроведува Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.

За секој курс општината ќе издвои по 6.400 денари, а тоа значи дека по овој основ од својот буџет општина Охрид издвои 128.000 денари. Реализацијата на предвидената обука во курсевите е срочена во 50 односно 60 часови.

OhridNews