Притворот на седумтемина осомничени за  убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ, што се случи точно пред еден месец во центарот на Охрид, им  е продолжен за уште 30 дена. Имено, истражниот судија  испратил допис до Основниот суд во Охрид дека истражната постапка се уште не е завршена и дека е потребно дополнително време таа да се комплетира.

Во текот на минатиот месец биле сослушани поголем број сведоци и биле прегледувани материјалите од безбедносните камери на објектите во чија близина се случи немилиот настан. Во прериодот кој престои ќе бидат изведени нови докази, а најавени се и нови сведоци.

Одбраната на осомничените неодамна реагираше дека истражната постапка се одолговлекува што ќе доведе до продолжување на мерката притвор на обвинетите без да бидат изведени доказите на бранителите.

-Ова е уште еден доказ како мерката притвор во Македонија се преиначува во казна. Сметаме дека 30 дена се доволен период истрагата да утврди кој од осомничените се виновни и треба да останат во притвор, а другите лица треба да се ослободат, изјави  Воислав Димоски, адвокат на еден од притворените охриѓани.

За убиството на белграѓанецот Дејан Новаковиќ се осомничени 8 лица. Седуммина се охриѓани, а едно лице е српски државјанин кое по немилиот настан илегално ја напушти земјава и по него е распишана меѓународна потерница.

OhridNews