Уште триесет дена притвор за седуммината охриѓани осомничени за убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ, им изрече Основниот суд во Охрид.  Осомничените од 27-ми август кога се случи немилиот инцидент се наоѓаат во истражниот затвор во Скопје, од каде со полициска придружба се носат  во Основниот суд во Охрид, каде во тек е истражната постапка. До сега биле сослушани 20–на сведоци на обвинителството, како и двајца очевидци.

Органите на прогонот се уште трагаат по  српскиот државјанин Драган Ѓорѓевиќ, кој е осмиот осомничен за убиството. Тој непосредно по тепачката во која настрада српскиот турист преку илегален премин избега од Македонија и по него е распишана меѓународна потерница.

Одбраната на осомничените очекува истражната постапка да се забрза и што поскоро да бидат изведени доказите на бранителите, според кои дел од обвинетите имаат цврсто алиби дека не биле учесници во немилиот настан. По завршување на истражната постапка, обраната очекува измена на  обвинението  кое осомничените ги товари за свирепо убиство, што според адвокатите на притворените е престрога квалификација.

Убиството на Дејан Новаковиќ се случи на 27-ми август во центарот на Охрид. Тој по расправија во ноќен клуб бил претепан до смрт од група напаѓачи. Според обдукцискиот наод  за српскиот турист фатален бил еден удар во пределот на градите кој предизвикал прекин на работата на срцето.

OhridNews