Регионалната и глобалната безбедност и стабилност, јакнење на билатералната и мултилатералната полициска соработка помеѓу полициите-членки на ИПА, јакнење на професионализмот на полициските службеници низ бројни форми на едукација се теми на 67. Светски конгрес на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) кој од денес до 22 септември се оддржува во Охрид

На овој највисок репрезентативен собир на државите и полициите од светот-членки на ИПА, учествуваат  64 ИПА држави и нивни национални ИПА секции како и други меѓународни организации членки на Обединетите нации, и преку 240 учесници-високо рангирани полициски службеници во матичните министерства за внатрешни работи.

Овие средби ни помагаат во борбата против организираниот криминал, трговијата со луѓе и тоа што го правиме овде во моментов е да комуницираме едни со други, да најдеме решенија за борбата против различните видови на криминал, стекнување нови искуства и продлабочување на соработката помеѓу земјите од регионот и пошироко. ИПА е организација во која членуваат 69 држави и во моментов има над 370 илјади членови. Нашата соработка се гледа преку фактот дека се потпишани неколку меморандуми за соработка помеѓу ИПА и Ролд пол која се однесува на полициски организации, ИПА и Обединетите нации, ИПА и Совет на Европа.  Ова ни помага многу во борбата со криминалот насекаде низ светот, рече на отворањето на Конгресот, Мартин Хофман, претседетел на Интернационалната полициска асоцијација ИПА.

Посочи дека вакви средби се одржуваат еднаш годишно каде дискутираат на овие теми, но нагласи дека сепак се организација која е надвор од полициските редови и како таква функционира.

Нашата работа е да направиме спојување помеѓу државите со цел да се зголеми соработката. И некогаш овој начин на комуникација е многу побрз и подобар отколку административните или бирократски комуникации. ИПА не е политичка организација, меѓутоа сепак помага. Без разлика што ние имаме проблеми, како  проблемот со името, помага да се надминат работите и полицајците како неполитичко делување соработуваат и се надминуваат себе си. Како аполитична организација се обидуваме да помогнеме да функционира соработката помеѓу полициите во регионот, додаде Хофман.

Претседателот на ИПА Македонија, Игно Стојков, потенцираше дека Светскиот конгрес е најголем настан на Интернационалната полициска асоцијација, кој годинава се одржува кај нас и на истиот од 69 признаени членки низ светот присутни се претставници од 64, што претставува голем успех за државата.

ИПА има значаен придонес во однос на развивање на полициските служби во националните секции-држави, преку меѓусебната комуникација која ја развиваме. ИПА организацијата е невладина која има за цел да ги штити интересите на полициските службеници, да ги спојува, да ги едуцира и помага со технички помагала и опрема. Во многу држави во моментов се одржуваат обуки, работилници, семинари во однос на полициската пракса. Се работи на теми како мигранти, дрога, трговија со луѓе, меѓуграничната соработка… Како надворешна институција ИПА во ниту една држава не е дел од полициските служби, кај нас ние не сме внатрешен дел на МВР, но нашите членови се сите вработени во МВР. Како потпирачки столб сме во делот на едукацијата и соработката на нашето Министерството, посочи Стојков.

Додаде дека се реализираат бројни обуки на кои учествуваат нивните членови посочувајќи ги последните во Австрија и Романија, каде два тима од нашата држава биле дел од тактичка обука за постапување на полициските службеници и обука за справување со сајбер криминалот.

Годишно надвор изнесуваме од 500-1000 полициски службеници на разни обуки, семинари и работилници. Технички преку проекти го помагаме и делот на општото работење и живеење на полициските службеници и каде што можеме и во делот на технички помагала во Министерството. Нашите обуки и семинари се на трошок на ИПА организацијата и со самото тоа му помагаме на МВР, а обуките се високо професионални. Интенцијата како ИПА ни е да ги споиме полициските службеници преку размена на информации и искуства и да го подигнеме нивото на професионалност на сите полициски службеници, додаде Стојков.

По завршување на 67-миот ИПА Светски конгрес во Охрид, ќе следи манифестацијата „Недела на пријателство“ при што, за учесниците на 67 Светски ИПА конгрес, од 22 до 29 септември, предвидени се туристички разгледувања на повеќе ИПА региони, градови, значајни историски и туристички места во Македонија.

Инаку, ИПА Макеоднија во моментов брои околу 9000 членови, формирана е официјално во 2011 година, додека е призната од Светската организација во 2014 година.

67. Светски конгрес на Интернационалната полициска асоцијација во Охрид

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска