Простувањето е прекрасно како идеја, се додека не дојде редот да треба да простиш нешто некому, тогаш ја спознаваш тежината и комплексноста што ја носи со себе процесот на простување, тогаш можеш да видиш колку си навистина силен.

Зошто мислат дека се силни оние кои велат: “никогаш нема да му/ѝ простам…”? Добро, брате, баш си карактер, чувај си ја лутината во себе и демонстрирај ја во некои други облици, на некои тотално несоодветни места и околности. Не верувам дека му е лесно на оној на кого не си му простил, ама можам да гарантирам дека не ти е ни тебе. Всушност, тебе ти е потешко, ама толку си “јак” па не сакаш да си признаеш. Грешникот може и да не знае дека згрешил, а твојата фрустрација ти копа по душата и отвора јами. Самонабљудувањето е за оние вистински храбрите. Тие расчистиле со егото и му даваат предност на мирот, не плашејќи се да си ја плеснат вистината сами себе в лице и мудро да го одберат патот до спокојот.

Од интензитетот на болката зададена од некаква неправда, зависи времетраењето на нејзиното поминување. Многу боли, многу ќе трае, просто ко два и два. Во обидот да се излечеме од таквата болка, значително помага одлуката да му простиме на оној кој ни ја нанел проверено ефикасна терапија, но ни малку лесна за поднесување. Што е тоа што го прави простувањето толку тешко? Па, сеќавањето… Сакаме да простиме, но не можиме да заборавиме. И тука е целата тежина и борба со себеси. Дали вистински може да простиме, без да заборавиме? Дали простува умот или срцето? Дали ако простиш си губитник во таа намерно или ненамерно започната војна?

По се изгледа, другари, за да се совлада простувањето треба секојдневна вежба: отвораш копче по копче од срцето и почнуваш, а после е полесно се. Му простив на дождот што ми ги запусти новите чевли, им простив на музикантите што ја свират баш таа песна што толку сакам да ја заборавам, простено му е на таксистот кој ме носи по таа улица кај што сама никогаш не би поминала, простувам имиња и датуми, репортажи на градови во кои не стапнавме, парфеми на случајни минувачи, соништа недосонувани, филмски реплики во зло доба затекнати… простувам се што е поврзано со тоа што ме боли, за еден ден да не ме боли, иако нема да заборавам… Секој ден по нешто, секој ден по малку …секој ден е Прочка!

Простете ако сум ви згрешила и простете што јас не ви простив побрзо!

Марика

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите