На Facebook пред околу два месеци се појави потресна приказна на таксист од Њујорк, која до се сега има над 1,5 милиони лајкови.


фото: Facebook

Приказната ја пренесуваме во целост:

„Стигнав на адресата и засвирив. По неколку минути чекање, повторно притиснав на свирката. Бидејќи тоа ми беше последно возење пред смена, си помислив да си одам, но го паркирав автомобилот, излегов од него, дојдов до вратата и заѕвонив. „Само момент!“, слушнав тивок старечки глас. Чув како нешто се влече по подот.

По извесно време вратата конечно се отвори. Пред мене стоеше мала жена на околу 90 години. Носеше фустан и капа, како да излегла од некој филм од 40-те години. Покрај неа имаше најлонска ќеса. Станот изгледаше како веќе со години никој да не живеел во него. Целиот мебел беше покриен со платна.

Немаше часовници на ѕидовите, никакви шољи или други работи на масите. Во аголот имаше картонска кутија во која имаше фотографии и стаклени предмети. „Можете ли да ми ја пренесете ќесичката до автомобилот?“, ме запраша. Ја однесов во возилото и се вратив да и помогнам на старицата да дојде до таксито. Ме фати за рака и полека одевме кон автомобилот.

Постојано ми се заблагодаруваше на љубезноста.„Нема на што“, одговарав. „Само се однесувам кон моите патници онака како што сакам луѓето да се однесуваат кон мојата мајка“. „Ти си многу добро момче“, ми кажа таа.

Кога стигнавме до автомобилот, ми ја кажа адресата и ме праша дали може да се повозиме низ градот. „Не е тоа баш најкраткиот пат“, и реков. „Мене не ми се брза никаде, одам во старечки дом“, ми рече.

Погледнав во ретровизорот. Очите и се навлажниа. „Немам веќе никој од моите роднини“, продолжи да раскажува смирено. „Докторот ми рече дека не ми останува уште многу време“. Полека се наведнав и го исклучив таксиметарот.

„По кој пат сакате да одиме?“, ја прашав. Следните два часа ги минавме возејќи се низ градот. Ми покажа една зграда во која некогаш работела. Се возевме низ нејзиното маало, каде таа живеела со сопругот кога се венчале. Поминавме покрај магацин за мебел, кој некогаш бил сала за танцување, која ја посетувала како девојка.

Од време на време ќе ме замолеше да застанам пред некоја зграда или во некој агол, гледајќи во далечина без зборови. Само што се појавија првите сончеви зраци на хоризонтот, ми рече дека е уморна и ме замоли да тргнеме. Во тишина се возевме до адресата која ми ја даде. Беше тоа ниска зграда.

Веднаш штом стигнавме излегоа две постари лица. Тие беа задолжени за неа и внимаваа на секој нејзин чекор. Мора да ја очекуваа. Од багажникот ја извадив нејзината ќеса и ја однесов до вратата. „Колку ви должам?“, ме праша фаќајќи се за торбата. „Ништо“ и реков. „Но од нешто мора да живеете“, ми одговори. „Има и други патници“, и кажав.

Готово без и малку размислување се наведнав и ја прегрнав. Цврсто се доближи до мене. „За момент усреќивте старица. Ви благодарам“, ми рече. И ја стиснав раката и си заминав. Зад мене се затвори вратата. Звучеше како да се затвора живот.

Во таа смена не качив ниту еден друг патник. Бесцелно возев, изгубен во мислите. Остатокот од денот едвај можев да зборувам. Што доколку по старицата дојдеше лут возач, или некој нестрплив кој едвај чека да му заврши смената? Што доколку ја одбиев таа нарачка или си отидев по првото свирење? Од друга страна, мислам дека никогаш не сум направил поважна работа во животот“.

OhridNews
извор:„Dnevnik.hr“