Проблемот со станоиздавачите во колективните станбени згради локалната самоуправа ќе го решава со помош на охридските пратеници во Собранието на Република Македонија. Како што објаснува раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов, во тек е подготовка на амандмански измени на законот за угостителска дејност.  

Во соработка со пратениците од Охрид, ние подготвуваме амандмански измени за тие точки од Законот за угостителска дејност кои ќе пробаме на исти начин да ги издејствуваме како што беше случајот и со кајчарите. Бидејќи од нашите досегашни обиди кои ги имавме преку Министерството за економија, не добивме толку брз одговор како што очекувавме во интерес на решавање на овој проблем, така да сега ќе се обидеме и на другиот начин односно дејстување во рамки на Собранието на Република Македонија, односно директно поднесување на амандмани за измена на овој закон секако почитувајќи ја целата постапка но во соработка со пратениците од Охрид, изјави Апостолов.

На крајот на месец јули охридските станоиздавачи остварија средба со претставниците на ТЛЕР реагирајќи поради тоа што надлежните не им издаваат нови, ниту пак им ги продолжуваат решенијата за категоризација. Како што тогаш беше објаснето од страна на Апостолов, проблемите настанале затоа што издавањето на нови решенија, односно продолжување на оние кои биле издадени пред три години, се коси со законот за угостителска дејност во кој стои дека за објект кој располага со најмногу  дваесет легла може да се издаде само едно решение за вршење на угостителска дејност од мал обем, односно само едно лице може да ја врши оваа дејност.

По реакциите од станоиздавачите и ТЛЕР од страна на хотелиерите беше кажано дека законските одредби со кои е забрането да се се издаваат станови на туристи во колективни станбени згради, на сила се веќе 11 години. Според нив спорно е и досегашното издавање на одобренијата, како што велат, спротивно на законските прописи. 

Во општина Охрид регистрирани се 420 станоиздавачи.

Т.К.