УНДП и ЕУ ќе им помогнат на општините Охрид, Струга и Дебрца да се реши проблемот со реката Сатеска која е еден од најголемите загадувачи на Охридското Езеро, каде се влеваат големи количини нанос и отпад.

За да се спречи натамошното загадување, се подговува проект за враќање на Сатеска во старото речно корито, негово проширување, чистење и одржување. Проектот ќе се реализира во рамки на програмата на ОН (УНДП), а ќе се финансира со средства од европските фондови, за што заеднички аплицираат трите општини.

-Во моментов се вршат геодетски истражувања со цел да го најдеме најдобриот модел, а тоа е враќање на Сатеска во старото корито, нова разделна градба со бариера за седиментот којшто доаѓа тука да се задржува и да не оди во езерото. Коритото кое води кон Охридското Езеро ќе остане за заштита од поплави. Целокупниот буџет изнесува 400 000 американски долари. – изјави Методија Саздов од УНДП, раководител на проектот.

Постојаниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Витон, истакна дека од клучно значење за заштита на Охридското Езеро е реализацијата на проектот за враќање на Сатеска во старото корито.

Сатеска годишно во Охридското Езеро носи околу 120 000 метри кубни седимент, а околу 39 проценти од загадувањето со фосфатите доаѓа од оваа река и сметаме дека тоа треба да запре. – рече Витон.

Претставникот на УНДП Луиза Витон во придружба на раководителот на секторот за соработка при Делегацијата на ЕУ Никола Бертолини и градоначалниците на Охрид. Струга и Дебрца, Стојаноски, Мерко и Ногачески, денеска беа во обиколка на реката Сатеска во селото Волино каде се врши пренасочување на водата од старото во новото корито.

-ЕУ е подготвена да поодржува и помага во имплементацијата на проекти кои придонесуваат за заштита на животната средина. – истакна Бертолини.

Во име на трите општини, за помошта од УНДП и ЕУ се заблагодари градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.

-Овој проект ќе претставува напредок во правец на зачувување на животната средина и Охридското Езеро. Ова е прва фаза од враќање на реката Сатеска во старото корито, а со тоа и спречување на понатамошното загадување на езерото. – рече Стојаноски.

Градоначалникот Стојаноски најави дека во 2019 година ќе биде донесен Планот за управување со целокупното сливно подрачје, што е основа за донесување на Планот за управување со Охридското Езеро и Охридскиот регион во целина, со што се отвора можност и  општина Поградец од Р. Албанија да влезе под заштита на УНЕСКО, што е од исклучителна важност за регионот.

Г.М.