Со работен доручек, утрово во х. „Метропол“ започна состанокот на министрите за надворешни работи на државите членки на Централно-Европската Иницијатива (ЦЕИ), кој се одржува во рамки на овогодинешното претседавање на Република Македонија со ЦЕИ.

-Утрово имав работен појадок со колегите од 6-те земји од западен Балкан заедно со Австрија и со Италија, идејата беше да разговараме околу последните развои во поглед на Берлинската агенда. Не очекува Виенската конференција во август на која главни теми ќе бидат инфраструктурното поврзување во регионот, како главен фактор за економски развој и подобра поврзаност меѓу земјите во регионот. Во тој контекст ќе бидат истакнати и неколку регионални проекти кои се идентификувани како приоритетни и за кои ќе бидат посветени дел од средствата кои се мобилизирани од ЕУ и меѓународните финансиски институции, а се однесуваат на енергетски и патни и железнички коридори во регионот. – истакна министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Поповски.

Тема на состанокот е и улогата на НВО секторото и можноста за негово активирање во функција на засилени евроатлантски интеграции кои се приоритет за сите земји до нашиот регион. Во овој контекст и во рамките на Виенската конференција ќе има и конкретни активности кои нашите австриски пријатели ги имаат предвидено, дополни Поповски.

Во фокусот на состанокот е проблемот со миграцијата со кој се соочуваат сите земји од регионот.

-Земјите од Западен Балкан кои се во просек и посиромашни не може да се очекува да се опремени за справување со ваков наплив на бегалци и да се справат на начин како што можат да се справат земјите од ЕУ. Ако ЕУ обезбедува и фондови, и се координира меѓусебно за да се справи со овој проблем, незамисливо е тоа да биде успешно направено без европска помош и без наша вклученост во таа нивна стратегија.- рече Поповски.

Министрите од земјите членки на ЦЕИ од состанокот во Охрид упатија порака дека е потребна сеопфатна стратегија која ќе ги вклучи и земјите од Западен Балкан во европската стратегија за справување со сериозниот предизвик на миграциски движења.

-Имавме повеќе можности за дискусии околу тоа дека сите земји од Западен Балкан имаат иднина во ЕУ и дека таа иднина ги определува и перспективите на земјите од нашиот регион. Заклучокот од тука и пораката упатена до европските партнери беше дека таквата иднина мора да биде заокружена со една јасна временска рамка. Без таква временска рамка би го намалиле кредибилитетот на таа извесна европска иднина која е пропагирана во рамки на берлинскиот процес и веруваме сите дека ќе биде потврдена на следната Виенска конференција во август. – додаде Поповски.

Тој истакна дека е краток рокот и мандатот на оваа Европска комисија, но дека мора да постои некаква рамка која ќе определи временски период во кој може земјите од Западен Балкан да очекуваат да се приклучуваат кон ЕУ.

Министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сјарто истакна дека Европа се соочува со загрижувачки притисок од миграцијата и дека тој е поголем од било кога.

– Нивото на притисок е повисоко од било кога и доаѓа од два правци. Едниот е Медитеранот, а другиот е низ земите од Западен Балкан. Нашата јасна позиција е дека ЕУ треба да се соочи со двата предизвици, не само со притисокот кој доаѓа од Медитеранот, туку и со миграцијата од Западен Балкан.Решението на овој предизвик не е внатре во ЕУ, туку надвор. Потребен е мир и економска стабилност во регионот кој е соочен со притисок од миграцијата. Затоа мораме да ги засилиме напорите во борба против терористичките организации како ИСИС. Во тој контекст парламентот на Унгарија донесе одлука да испрати 150 војници на линијата на фронтот. Исто така даваме финансиска помош за развој на регионот од каде доаѓа миграцијата, но мислам дека таа помош треба да биде одржлива, затоа што овие земји треба да ги подобрат условите во нив со што лицата кои стануваат мигранти нема да бидат приморани од политички или од економским причини да ги напуштат своите домови. – изјави министерот Сјарто.

Во контекст на најавите за затворање на границата на Унгарија со Србија, тој истакна дека по воспоставувањето на интензивна соработка со срспските власти бројот на мигранти значително бил намален.

На  состанокот во Охрид  присуствуваат министри за надворешни работи, заменици министри за надворешни работи, претставници на министерства за надворешни работи и/или нивни претставници од државите членки на ЦЕИ како Македонија, Албанија, Австрија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Молдавија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Унгарија, Италија, Словенија и Украина. Покрај нив, на состанокот ќе присуствуваат и специјални претставници од Европската Унија, Европската банка за реконструкција и развој, Секретаријатот на ЦЕИ, ОБСЕ, Совет на Европа, Советот на Балтички држави, РЦЦ и многу други.

Г.М.