Актуелната безбедносна ситуација во земјата и проблемот со аерозагадувањето беа тема на денешната редовна седница на Советот за безбедност, што се одржа во кабинетот на Претседателот.
Состојбата со сите наши контингенти и на границата со Република Грција и надвор од нашите граници е редовна. – изјави претседателот Пендаровски, oсврнувајќи се на ангажманот на нашата армија, која во овој момент има војници во меѓународни мисии во Босна и Херцеговина, во Авганистан, во Либан, а дел се распоредени на нашата јужна граница.
На седницата бил разгледуван и извештајот за тековните процеси на кадровска и техничка екипираност на Оперативната техничка агенција – ОТА, каде како што оцени Пендаровски, нема некои поголеми потешкотии во нејзиното работење.
Вториот дел на седницата беше посветен на проблемот со аерозагадувањето, за што се разговарало повеќе од 2 часа, информираше на прес конференција Пендаровски. Тој посочи дека проблемите во делот на заштитата на животната средина, треба да се решаваат подобро и системски и никој не може да ги реши во еден мандат.
Главната идеја која беше при свикувањето ја реализиравме, тоа е кревање на јавната свест, затоа што никогаш до сега во историјата на нашата земја на толку високо и репрезентативно политичко ниво не е разговарано за овој проблем кој станува се поакутен, не само кај нас, не само во нашиот регион, туку насекаде во светот. Советот за безбедност е советодавно тело на Претседателот, не е тело кое одлучува, кое решава. Ние не се собравме тука за да донесеме одлуки за решавање на овие проблеми, или за забрзување на позитивните трендови во оваа област. Неспорно е дека е потребно и на ова ниво да дадеме еден импулс плус во јавноста, да ова прашање се третира не ад-хок, туку системски, односно посистемски од досега. – рече претседателот Пендаровски.
Пендаровски потсети декаи во неговото годишно обраќање се заложил за зголемување на државниот буџет за заштита на човековата околина, кој, како што нагласи, би морало во наредните години да биде што е можно поблиску до просекот на земјите членки на Европската унија.
Според Претседателот и поглавјето 27, што се однесува на заштита на човековата околина, се смета за едно од најтешките и едно од најскапите во преговорите, и во тој дел ние мораме добро да се подготвиме.
Еве сега на седницата чувме од дел од учесниците дека поглавјето 27 според проценка на преговарачите од Црна Гора, која е прилично во поодмината фаза во тие преговори, дека во една декада земјата би ја чинело милијарда ипол евра. Ако одиме по тие параметри, значи уште сега би можеле да кажеме една цифра, како една груба проценка, дека нас поглавјето 27 би не чинело над 5 милијарди евра. Значи станува збор за исклучително важен сегмент од животот на луѓето. – истакна претседателот Пендаровски, по завршувањето на втората седница на Советот за безбедност.
OhridNews