Жителите на Долно Лакочереј, охридско, се жалат на чести прекини во водоснабдувањето, намален притисок на водата и други проблеми кои им го отежнуваат секојдневното живеење во летни месеци.
Од кога потпишавме договори и го предадовме селскиот водовод на градскиот Водовод Охрид да го одржува системот за водоснабдување секој ден снемува вода. Додека беше во надлежност на месната заедница имаше непрекинато вода, а сега нема, еве и изминатиот викенд. Секој ден, реагираме до градски Водовод, но не добиваме конкретен одговор од таму, освен дека има диво приклучени, диви чешми, па ако има такви нека си го средат проблемот, не може заради нив да трпи населението кое редовно си ги подмирува обврските. – вели револтиран жител на Долно Лакочереј.
Жителите на Долно Лакочереј велат дека често кога пријавуваат проблеми со водоснабдувањето им било кажувано дека има дефекти на мрежата.
Каде се тие дефекти, зошто не се санираат? Го предадовме водоводот со цел да се решат сите овие проблеми, како и проблемите со неплаќачите и узурпаторите на водата, но сега се соочуваме со уште поголеми проблеми, иако околните извори се преполни со вода ние сме без вода. – велат локалните жители.
Жителите на Долно Лакочереј бараат од Водовод да ги реши проблемите со водоснабдувањето во неселбата и да им овозможи непречено снабдување на вода за пиење.
На проблеми со водата за пиење се жалат и жителите на Горно Лакочереј. Велат дека постојано алармираат за проблемот со снабдување со вода за пиење, но засега отсуствува реакција од надлежните.
OhridNews