Жители од селото Горенци во општина Дебрца реагираа што изминатите денови имале проблеми со водоснабдвањето во селото. Како што објаснуваат , преку ден немале вода, а водата која течела од славините во вечерните часови имала необична боја.
Од јавното претпријатие Дебрца кое се грижи за водоснабдувањето во општината велат дека проблемите произлегле поради дефект врз водоводната мрежа, кој е отстранет и се очекува водоснабдувањето во Горенци од денес да се стабилизира.
– Нашите екипи работеа на откривање на дефектот. Уште денес ќе има повремени рестрикции во снабдувањето со вода во селото, но од утре очекуваме дека ќе има непречено водоснабдување преку целиот ден. Системот за водоснабдување е изграден во 1996 година па затоа и доаѓа до повремени проблеми, велат од јавното претпријатие.
Оттаму со апел до жителите да не ја злоупотребуваат водата за пиење, односно да не ја користат за наводнување, што дополнително го попречува нормалното снабдување со вода во летниот период.
Од Центарот за јавно здравје информираат дека последните анализи на водата за пиење во селото Горенци се извршени на 8 јули. Физичко-хемиската и микробиолошка анализа на земените примероци од селскиот водовод во село Горенци покажала дека водата е со добар квалитет и здравствено безбедна за пиење.
OhridNews