-Веќе неколку дена не пиеме од водата од водоводот, никогаш не била толку бела, се плашиме да не е загадена, па затоа во неа има големо количество на хлор. Надојдени се многу подземните води, тие може да се измешани со фекалии, па можно е и водата од чешмите да не е добра за пиење.-велат жители на Охрид.
Дека водата од водоводот последните неколку дена не се пие, ни потврдија и во неколку супермаркети во Охрид. Тие велат дека сите муштерии, покрај останатите намирници, се почесто купуваат и големо количество на негазирана минерална вода.
Во врска со овој проблем, надлежните во охридскиот водовод, денес соопштија дека нема потреба од страв и дека водата од водоводот може да се употребува за сите намени.
-Најоговорно тврдам дека квалитетот на водата за пиење од охридскиот водовод и водоводот во Пештани е исправна за пиење. Тоа го потврдуваат континуираните контроли и анализи, кои секојденевно ги вршат екипите на Центарот за јавно здравје и Дирекцијата за храна.-изјави Бранислав Трпчески, директор на МЈП Проаква.
Тој објаснува дека водата од водоводт е од прва категорија и присуството на хлор е во границите на дозволеното.
-Водоводот користи вода од Беличките и Летничките извори, каде што во цевководот доаѓа до мешање на воздухот и водата , при што водат добива бела боја. Значи белата боја на водата од чешмите, не се должи на зголеменото присуството на хлор.-нагласува Трпчески.