„МЈП Проаква“ доби рок од три дена да го регулира работниот однос на непријавените работници и да воведе електронска евиденција на вработените, во спротивно, компанијата целосно ќе биде затворена, најави трудовата инспекција.
Трудовата инспекција вчера издаде решение за забрана на работа на меѓуопштинското јавно претпријатие „Проаква“- Струга, поради затекнати 89 непријавени работници, а били утврдено и дека не се води електронска евиденција на вработените. Фезви Селами, од Државниот инспекторат изјави дека „Проаква“ е единствено јавно претпријатие во земјата каде што има толкав број на непријавени работници.
89 непријавени работници. МЈП Проаква.
Директорот на „Проаква“, Бранко Трпчевски, смета дека „одлуката на Државниот трудов инспекторат е тенденциозна и дека има за цел да се изврши притисок врз јавното претпријатие во врска со долговите на струшкиот завод за дијализа кон „Проаква“. Тој тврди дека спорните работници биле дополнително ангажирани и дека поради специфичноста на дејноста што ја обавувале технички било неизводливо електронски да се евидентираат.
Заканите за затворање на „Проаква“ доаѓаат во екот на туристичката сезона што може сериозно да го доведе во прашање водоснабдувањето на Охрид и Струга и работата на колекторскиот систем.
Г. Момироски