МЈП „Проаква“ е јавно претпријатие и според позитивните законски прописи во државата тоа по ниту еден основ неможе да биде затворено, а најмалку тоа може да го стори Трудовата инспекција.
Ова денеска на прес конференција го изјави в.д. директорот на МЈП „Проаква“ Бранислав Трпчески. „Решението на трудовата инспекција е спротивно на зоконот, а зебелешките се тенденциозни и нереални“, рече Трпчески кој додаде дека за случајот разбрал од новинарите што според него не било во ред.
„Како јавно претријатие никој нема мандат да ја затвори „Проаква“ без оглед на недостатоците кои ќе се утврдат“, тврди Трпчески. Според него забелешките дека во „Проаква“ има 89 непријавени работници и дека не се врши електронска евиденција на работењето не се точни.
Тој најави дека ќе покрене постапка пред повисоките инстанци со цел да се реши случајот кој како што рече „има и друга позадина“.
„Проаква ниту прекина ниту ќе прекине со работењето, но во ситуација на криза кога сведоци сме дека пожари беснеат во Ќафасан и Струшко поле и кога „Проаква“ е носител на активностите на кризниот штаб за справување со кризата некој да носи одлука да затворање на јавното претпријатие навистина не е за коментар“, рече Трпчески.
Од „Проаква“ признаваат дека има работници на кои подолго време не им е решен статусот, но оттаму велат дека се работи за сезонски работници. Од „Проаква“ најавуваат дека наскоро ќе биде готова новата систематизација во јавното претпријатие според која и ќе се регулира работниот однос на сите вработени, вклучително и на тие кои досега биле ангажирани со договор на дело.
Г. Момироски