И покрај најавите на ЕВН, МЈП „Проаква“ која со вода ги снабдува Охрид и Струга денеска не беше исклучена од електро системот. Ова е резултат на интензивните разговори што денеска во Скопје ги водеше раководството на „Проаква“ и општината со претставници на ЕВН.
Информацијата ја потврди портпаролот на ЕВН, Ленче Карпузоска која информираше дека започнале преговори за подмирување на долгот од 1 милион евра на „Проаква“ кон ЕВН. На „Проаква“ и е оставен уште еден ден да го подмири долгот и доколку тоа не се случи до утре, јавното претпријатие ќе биде исклучено од електро системот, велат од ЕВН. Австриската компанија најави дека не прифаќа никаква компензација и очекува „Проаква“ да го исплати долгот со пари.
Од МЈП „Проаква“ се оптимисти дека ќе се изнајде решение за проблемот и дека нема да дојде до исклучување на струјата во јавното претпријатие. Во обид да обезбеди средства за плаќање на долгот МЈП „Проаква“ денеска започна со најавеното исклучување на државните компании и институции кои должат околу 19 милиони денари за неплатена вода. Утрово од водоснабдителниот систем исклучени се подружницата на Македонија пат, Центарот за култура и Студентскиот дом. Од исклучување куртули Капетанијата каде исто така се упатиле екипи на „Проаква“. Откако им биле презентирани сметките за платена вода извршителите се откажале од исклучување, дознава Ohridnews.
МЈП „Проаква“ најави дека акцијата за исклучување на неплаќачите на вода ќе продолжи утре во Здравствениот дом и општата болница.
Г. Момироски