„ Од особена важност е што ние го имаме Охридското Езеро како најголем природен ресурс, а нашата грижа за него треба да биде максимална“, рече денеска на одбележувањето на Денот на водите, Хусеин Ќато од Меѓуопштинското јавно претпријатие ПРОАКВА. Ќато подвлече дека претпријатието обезбедува вода за пиење согласно сите стандарди и прописи.
„Среќни сме што  во нашата средина се уште имаме чисти води кои без никаков третман можеме да ги пласираме за употреба до нашите потрошувачи“, рече Хусеин Ќато од Проаква.

МЈП „Проаква“ – Водовод Охрид  веќе неколку години наназад е вклучена во светското одбележување на овој ден со девизата „Мисли глобално-делувај локално“. „Годинава, нашето мото е Водата- без граници го поврзува светот“, а на оваа тема распишавме и ликовен конкурс за учениците од основните училишта во општинава, рече на свеченоста, Светлана Велјаноска од Проаква.

Како најдобри ликовни творби беа оценети цртежите на Благој Арсовски од основното училиште „Свети Климент Охридски“, Тони Тузески од Григор Прличев, Петар бадалоски и Елиф Мустафа од основното училиште Братство-единство, Марија Трајкоска од Кочо Рацин и   Валентин Ристески од Христо Узунов. Учениците добија пригодни подароци, а ветија и дека ќе ја користат секоја можност да работат на подигнување на јавната свест.

Организацијата на обединетите нации во 1992 година го прогласи 22 март за Меѓународен ден на водите.

Ohridnews