Со изложба на ликовни дела од колекцијата на Центарот за култура „Григор Прличев“ денеска започнува престижната културна манифестација „Прличевите беседи 2009“.

Во рамки на свеченостите ќе биде претставена  поемата „Атлантида“  која е носител на наградата „Григор Прличев“ за минатата година, а на авторот Петре Бакевски ќе му биде врачена наградата во вредност од 1 500 евра што ја доделува издавачката куќа „Просветно дело“. Исто така предвидена е  и мултимедијална промоција на три проекти од „МС Прософт“ – Охрид. На гробот на Прличев ќе се одржи панихида, а манифестацијата ќе заврши со традиционалната Охридска визита во градската библиотека, која го носи името на Вториот Хомер.

Григор Прличев е еден од најпознатите македонски писатели од 19 век. Роден е на 30 јануари 1830 година во Охрид, каде и починал на 6-ти февруари 1893 година.

На 25 март 1860 година, Григор С. Прличев со поемата „Сердарот“, ја однесе првата награда на традиционалниот книжевен конкурс  во Атина и бил наречен „Втор Хомер“. Во поемата се раскажува за смртта на македонскиот херој Кузман кој ги заштитува селаните од бандите на Гегите. Наградата не останува долго во негови раце, затоа што одбива да се изјасни како Грк.

Освен Сердарот, Прличев ja има напишано и „Автобиографијата“ која претставува битен историски документ за состојбата во Македонија под Отоманската империја во 19 век.

Организатори на Прличевите беседи се националните установи Центар за култура и Библиотека со финансиска поддршка од Министерството за култура и во соработка со локалната самоуправа.

Ohridnews