„Професијата полицаец е специфична и тешка. Работам во службата веќе 15 години и ако немав желба и љубов кон работата сигурно нема да ја добиев оваа награда денес“ изјави кратко Сашо Ѓоргоски од МВР Охрид откако го доби признанието – најдобар полицаец во Охрид.

Скромната награда, ДВД плеер, му ја врачи претседавачот на Советот на Општина Охрид, Владо Чингоски.

„Разговаравме денес со претставници од полицијата по повод нивниот празник 7-ми мај. Општа констатација е дека Охрид е безбедно место за живеење, а локалната самоуправа има одлична соработка со полицијата. Со новиот закон за полиција очекуваме соработката да се подигне на уште повисоко ниво. На полицаецот Ѓоргоски му посакувам успех и во иднина.“ изјави Чингоски.


Освен тоа, новинарите ги интересираше како охридската полиција  ќе се справи со големите обврски околу начинот на обезбедување во секоја смисла на НАТО Самитот при крајот на јуни оваа година.

Советникот за безбедност при МВР Охрид, Димитрија Влаоски изјави дека „обврските ќе бидат големи, но полицијата е спремна да одговори на сите потреби“.

Не сакаше или не знаеше да прецизира колку полицајци и со каква структура ќе го обезбедуваат редот и мирот за време на самитот. Само кратко рече дека  евентуална соработка со други служби (и странски) би имало, но дека „не треба повеќе ништо да соопштува“.

Самитот на НАТО алијансата ќе се одржи на 28 и 29 јуни. Највени се досега невидени мерки на обезбедување, барем кога се работи за Македонија и Охрид.

С. Костоски