Привршуваат подготовките за прославата на најмасовната црковно-народна манифестација по повод претстојниот празник Богојавление- Водици во Охрид.

Денес беше одржана седница на организациониот одбор во просториите на Општина Охрид на кој присуствуваа претставници на локалната власт, на МПЦ, на локалните јавни претпријатија, безбедносните служби, нуркачките клубови од градот, како и  на останатите засегнати страни.

Прославата на празникот ќе започне со богослужба во раните утрински часови, во 7 часот, додека божествената литургија ќе започне во 8:30 часот, рече Илија Ристески, претставник од Дебарско- кичевската епархија.

Централната прослава на празникот ќе биде во храмот „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ со која ќе чиноначалствува неговото високо преосвештенство митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г. Тимотеј. Богослужби ќе има и во сите парохиски цркви, како и во црквата „Свети Никола Ѓеракомија“ од каде што потекнува оваа традицијата и е центарлизирана на самото градско пристаниште. Потоа верниците масовно заедно со свештениците се упатуваат кон Градското пристаниште каде ќе бидат осветени водите на Охридското Езеро, а потоа ќе се положи и Чесниот крст во 10 часот. На самиот ден во 12 часот во Сарашиште ќе има групно кршевање. Апелираме и повикуваме сите кои се заинтересирани да се пријават кај парохискиот свештеник во црквата „Свети Никола Ѓеракомија“. Веќе се започнати пријавувањата за учество на самиот чин на осветувањето на водата и положувањето на чесниот крст во водите на Охридско Езеро. Имаме пријави од од други градови Скопје, Струмица, Битола и останати, така што секој кој сака може веќе да се пријави во самите цркви.

Како дел од подготвителните активности  и логистиката на настанот во четврток на 18-ти јануари охридските нуркачи ќе спроведат чистење на дното од Охридското Езеро, на просторот каде ќе се одржува фрлањето на Светиот крст.

Исто така, предвидени се и низа активности за уредување на пристаништето и крајбрежниот дел на Охридското Езеро, соодветно украсување на градот со зеленило и верски знамиња, како и низа значајни активности кои се поврзани со безбедноста на капачите и посетителите.

Градоначалникот Кирил Пецаков потенцираше дека годинава настанот за Денот на рибарите на 20-ти јануари ќе биде со малку поголема организација и со повеќе содржини,  ќе се дели и храна, а ќе настапува и Охридскиот музички еснаф.

Дента на Градскиот плоштад по фрлањето на крстот ќе настапи групата Некст Тајм. Традиционално во изминатите три години имаме групи кои ги забавуваат сите посетители. Водици сам по себе бил привлечен посебно за домашните туристи кои традиционално доаѓаат и го полнат Охрид. Се надевам дека ќе имаме убаво и пријатно време со добри температури. Граѓаните ќе можат да уживаат како на самиот чин на фрлањето на крстот, така и генерално преку целиот ден. Се надевам дека покрај домашните ќе имаме и гости кои слушнале за прославата на Водици во Охрид и ќе сакааат да го посетат и да видат како ние како охриѓани го прослувавме овој празник, рече Пецаков, додавјаќи дека повеќе деталите околу двата настани ќе бидат соопштени дополнително.

На 19-ти во Центарот за култура „Григор Прличев“ во организација на Црвен Крст од 9 до 15 часот ќе се одржи и традиционалната крводарителска акција.

Кон празникот Водици охриѓани имаат посебен култ и години наназад илјадници верници како од градот, така и пошироко присуствуваат на големиот водосвет.

Н.С.Ј.