Најмладите стружани веќе се подготвени за торжествено одбележување на големиот христијански празник Бадник со што ќе го најават Христовото раѓање. Годинава околку 600 деца ќе учествуваат во Бадниковата поворка што ќе се одржи низ струшките улици. Покрај во Струга, Бадникови поворки ќе се одржат и во селата Враништа, Драслајца и Радожда.
Последната проба ќе биде одржана утре во црквата „Свети Ѓорѓи“ од каде е предвидено и тргнување на поворката за Бадник, информира Лидија Николовска од организацискиот одбор.
Поворката ќе тргне од дворот на црквата „Свети Ѓорѓи“, ќе се движи низ централното градско подрачје, преку Мостот на поезијата, по кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршискиот мост и Чаршијата и назад во црковниот двор. Тука ќе се служат топли напитоци и Бадникова закуска, а за најмладите ќе бидат поделени пакетчиња, вели Николовска.
Воедно, изразува желба што повеќе дечиња да се приклучат, да биде најторжествено и да ечи градот од детските грла со песната „Вечниот Бог“.
OhridNews