Во акција на специјалната полиција утрово на граничниот премин „Ќафасан“ приведени се 15 полицајци и тројца цариници кои се осомничени за барање и примање поткуп.

Приведувањата како што информираат од МВР се во рамки на реализацијата на последната фаза од акцијата „Бумеранг“.

Како што соопшти МВР со примената на посебните истражни мерки утврдено било дека кривично пријавените полициски службеници вршеле кривични дела – „примање поткуп„ и „злосторничко здружување„ – односно барале и примале  парични средства – поткуп за да во рамките на своите овластувања не превземат дејствија што би морале да ги превземат на тој начин што:

 -Овозможувале влез во РМ на  албански државјани без да поседуваат важечки ПИ кои имале намера илегално да заминат за Р.Грција за што земале и најголема сума на парични средства по околу 400-600 евра од возило во зависност од бројот на патниците што се превезувале ;

-Пропуштале ПМВ без патничко осигурување;

-Овозможувале влез/излез на патнички моторни возила без истите да се евидентираат во компјутерскиот систем;

-Пропуштале такси возила преку граничниот премин без одобрение за такси превоз;

-Пропуштале ТМВ со товар поголем од пропишаниот;

-Преку ред пропуштале патнички возила и автобуси.  Овозможувале повеќекратно поминување на ТМВ со претовар преку територијата на РМ  со иста дозвола за вонреден превоз која важи само за едно поминување

Паричните средства – поткупот од патниците ги добивале вметнати во патните исправи и истите ги засолнувале на повеќе места и тоа во: просторијата за задржување на патници (под душекот или прекривката), под лавабото од тоалетот и др., а за пропуштените албански државјани на кои им бил овозможен  влез без патни исправи, паричните средства ги добивале надвор од работното место на однапред договорена локација и место од лица со кои соработувале.

Организатор на оваа криминална група (како и во претходните два реализирани случаи во рамките на операција „Бумеранг“) е раководителот на смена А.Д., кој по завршување на работната смена на членовите на групата им ги распределувал „заработените„ парични средства во зависност од висината на земениот поткуп и видот на пропустите што ги извршиле во текот на смената, односно во просек од 50 до 150 евра по полициски службеник дневно.

Во денешната акција лишени  од слобода се 15 полициски службеници, (едно лице е недостапно),  вработени на ПС за ГК „Ќафасан“ и три царински службеници, вработени на царинска испостава на ГП „Ќафасан. Приведените полициски службеници со кривичната пријава  и обезбедените материјални докази од примената на посебните истражни мерки се предадени на надлежен Истражен судија од Основен Суд Скопје I Скопје, додека приведените царински службеници заедно со кривичната пријава се предадени на надлежен Истражен судија во Основниот суд Струга.

Од страна на Одделот на организиран криминал до Основното Јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупција поднесе една кривична пријава против 16 полициски службеници, членови на организирана криминална група за сторени кривични дела „примање поткуп” и „злосторничко здружување”  и една кривична пријава  до Основно Јавно обвинителство-Струга против три царински службеници за сторено кривично дело „примање поткуп“ и тоа:

Со првата кривична пријава опфатени се: Д.А.(32) од Струга-раководител на смена; Р.Ј.(48) од Струга- дежурен полициски службеник; Б.К.(47) од Струга- полицаец за пасошка контрола; О.В.(36) од Охрид-полицаец за пасошка контрола; Б.Т.(25) од Струга-полицаец за пасошка контрола; О.Ќ.(30) од Струга-полицаец за пасошка контрола; Б.Ж.(28) од с. Велешта бб, Струга-полицаец за пасошка контрола; А.А.(28) од с.Франгово бб, Струга-полицаец за пасошка контрола; М.А.(47) од Охрид-полицаец за пасошка контрола; А.П.(27) од Струга- полицаец за пасошка контрола; М.К.(28) од Струга-полицаец за пасошка контрола; Б.М.(25) од с. Биџево бб, Струга-раководител на смена; Д.В.(41) од Струга-полицаец за пасошка контрола; Б.Р.(28) од струга-полицаец за пасошка контрола; Б.К.(48) од Струга-полицаец за пасошка контрола и Р.Б.(31) од Струга-полицаец за пасошка контрола.

Со втората кривична пријава (доставена до Основно Јавно обвинителство-Струга) пријавени се вкупно три царински службеници вработени во царинска испостава на ГП „Ќафасан“ и тоа: Н.С.(48) од Дебар-царински службеник; С.Д.(39) од Струга-царински службеник и Ѓ.А.(34) од Охрид-царински службеник.

Досега, со преземените мерки и активности во рамките на операцијата „Бумеранг„, за ефикасно спречување на појавата на коруптивно однесување на одредени полициски службеници вработени во ПС за ГК „Табановце“ – патен премин и ПС за ГК „Ќафасан“, вкупно кривично се пријавени 58 полициски службеници и три царински службеници, соопшти МВР.

Ohridnews
извор: МВР