Поради постоење основи на сомнение за сторени дванаесет казнени дела „тешка кражба“, Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против двајца жители на Прилеп на возраст од 43 и 44 години.

Полициските инспектори, на 21 мај оваа година околу 12 часот, ги затекнале двајцата пријавени при употреба на подесен алат и обивање на блиндор врата во стан на петти кат во зграда на улицата „Мирче Ацев“ во Охрид. При личен како и претрес во нивното патничко моторно возило, пронајдени биле инбус клучеви, мини метална округла шипка, една мини плосната шипка, една метална пинцета, два скалпери, еден француски клуч, еден штрафцигер и една зипер кесичка со пет пластични портокалови мунистри. Претходно, двајцата пријавени пристигнале во Охрид со патничко моторно возило „Хонда Акорд“ црна боја со бугарски регистарски таблици, соопшти полицијата.

-Пријавените биле посебно специјализирани за употреба на подесен алат за обивање на блиндор врати а кривичните дела ги сториле во Охрид од септември минатата до мај оваа година во периодот од 07 до 17 часот. Откако ќе ѕвонеле и затропале на становите каде ќе забележеле блиндор врати и ќе констатирале дека во станот нема никој, тие со вешто користење на алатите, ги разбивале блиндор вратите и успевале да влезат во становите.
Притоа вршеле пребарување и одземале пари сокриени во метални каси, во ташни, во плакари. Пронаоѓале и одземале златен накит со циркони со жолто и бело злато, златни прстени, обетки и белегзии, златни и сребрени монети, рачни вредни часовници од различни марки, сребрени ланци и Сваровски накит, венчален фустан. Покрај тоа, одземале пасоши и други лични и вредни семејни документи. На овој начин, двајцата пријавени се стекнале со противправна имотна во вредност над 300.000 денари. – информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.

OhridNews