Во организирана акција под име „Бумеранг“  Одделот за организиран криминал при МВР денеска приведе 22 полицајци вработени на граничниот премин Табановце.

Со примената на Посебните истражни мерки утврдено е дека полициските службеници на организиран начин вршеле кривични дела со намерни пропусти во секојдневното работење, незаконитости и злоупотреби за што барале и примале поткуп од патници за да во рамките на своите службени овластувања извршат службени дејствија што би морале да ги извршат, или за да не извршат службени дејствија што би морале да ги извршат, со цел стекнување со финансиска придобивка на незаконски начин за себе и членовите на криминалните групи.

Како организатори на двете криминални групи идентификувани се  раководителите на смени, односно документирано е дека истите задолжително по завршување на смената вршеле распределба на дневно „заработените„ парични средства врз принципот на „заслуга„, и тоа во висина од околу 100 евра и повеќе дневно (во текот на една работна смена) за секој полициски службеник.

Документирано е дека полициските службеници, од странски државјани на излез или влез во РМ, за да им се овозможи непречено поминување, задолжително барале и добивале одреден износ на парични средства-поткуп во зависност од видот на возилото, а доколку странскиот државјанин одбие да соработува, односно да даде одреден износ на парични средства, истиот, без причина, бил оставан да чека на ГП подолго време.


Еден од начините на земање поткуп од страна на членовите на двете организирани криминални групи бил пропуштање на возила кои не поседувале зелен картон кој што е задолжителен да се оствари влез во Р. Македонија. Со отпочнувањето на туристичката сезона и зголемената фрекфенција на патници и возила, најчесто на германски државјани со турско потекло кои транзитирале низ Р. Македонија, и покрај тоа што поседувале соодветна исправна документација за возилата и патниците, од страна на членовите на двете организирани криминални групи им биле изнудувани парични средства. Исто така документирана е и појава на примање поткуп од водичите на туристичките автобуси за да им се овозможи непречен влез во Р. Македонија без да биде извршена детална пасошка контрола.

Паричните средства – поткупот од патниците ги добиваат вметнати во документацијата што се проложува за контрола и истите се засолнувале на повеќе места и тоа во :  просторијата со дрвени ормари,  тоалетот,  дел од облеката, во работните бироа, под тастатурата од компјутерот и слично. Размената на примените парични средства добиени како поткуп во странски девизи-евра, во национална валута, се вршела главно во просториите на АМСМ лоцирани на „Табановце”.

Против приведените полицајци МВР до Основното Јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупција поднесе две кривични пријави за кривичните дела „примање поткуп”, и „злосторничко здружување”, соопшти МВР.

Ohridnews