Тетовската полиција приведе 39 годишник од Боговиње во врска со случајот кога две лица на дете му помагаа да пука од оружје, а снимката беше објавена на социјалната мрежа Тик-ток. МВР преку Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Бирото за јавна безбедност работеше за откривање на идентитетот на лицето.

Како резултат на тоа, денеска (02.01.2021) во 20.10 часот полициски службеници од СВР Тетово лишиле од слобода 39-годишно лице од с.Боговиње, поради основи на сомнение дека на социјалната мрежа Тик-Ток објавил видео, на кое малолетно дете пука со пиштол, а му помагаат две лица. Тој е приведен во Полициско одделение Камењане и се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот, информираше Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Полицијата соопшти дека  ќе биде поднесен соодветен поднесок за „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, предвидено и казниво по член 396 од Кривичниот законик.

При тоа, за настанот е информиран и Центарот за социјална работа кој презема соодветни мерки согласно нивната надлежност. МВР ќе продолжи и понатаму посветено да работи и да ја става безбедноста на граѓаните на прво место, информира порпаролот.

OhridNews