– Секоја регистрирана фирма и секоја дејност од која се остварува бизнис се тарифира како индустриски потрошувач, а тоа ги опфаќа и трговците поединци и слично, ни изјави Атанас Ковачески – портпарол на ЕВН.
Доколку ваквите најави на ЕВН се остварат, тоа ќе предизвика негативни последици и ќе го врати хаосот во туризмот, велат туристичките инспектори при општина Охрид, кои во изминатите три години интензивно работеа на категоризација на приватните станоиздавачи.
– Ако тоа е така како што се зборува, тогаш ние навистина си ја сечеме гранката на која што седиме, затоа што сите овие три години на средување на состојбите во туризмот ќе бидат залудно потрошени. Ќе се појави пак онаа илегала од станоиздаватели и ќе се одјавуваат одрдени категоризирани лица, бидејќи некој кој едвај закрпил едно сопче или двe да го надополни приходот да можe подобро да живеe, ќе биде приморан тоа да го стори затоа што давачките ќе бидат дополнително оптоварени, ни изјави Ѓорѓи Сошански – инспектор по туризам.
Според општината наплатата на индустриска струја нема економска оправданост, затоа што најголем дел од сместувачките капацитети, всушност се преадаптирани семејни куќи во кои туристичка дејност се остварува едвај два месеци во годината. За локалната е нејасно како ќе се тарифира потрошената електрична енергија во таквите објекти, бидејќи според неа нема логика некој да плаќа 365 дена индустриска струја за издавање на соба од максимум два месеци во туристичкиот шпиц. Општината стравува дека тарифирањето индустриска струја на станоиздавачите ќе се одрази и наплатата на туристичката такса. Локалната самоуправа очекува да се надмине проблемот кој може да се реши по примерот во другите земји каде државата ги субвенционира станоиздавачите во делот на потрошената електрична енергија.