Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „разбојничка кражба“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 38- годишно лице од Скопје, на кого му е одредена мерка притвор во траење од триесет дена.

На седми овој месец, пријавениот заедно со уште едно засега непознато женско лице, со подесен алат ги скршиле двата катинари од метална решетка поставена на влезната врата од продавницата лоцирана на улицата „Јане Сандански“ во Охрид.

Настанот се случил во 03 часот и 30 минути, кога двајцата, со патничко моторно возило марка „Фолксваген-пасат“ со скопски регистарски таблици пристигнале пред продавницата. Тука, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, го употребгиле алатот, насилно влегле во продавницата и од касата одзеле 1500 денари. Потоа од сталажите одзеле разновидни марки цигари и ги ставиле во најлонски црни кеси кои ги имале со себе. За кратко време, кон продавницата се упатила сопственичката која претходно, од граѓанин била известена за кражбата. Забележувајќи ја сопственичката и оставајќи ја најлон кесата, двајцата влегле во патничкото возило сопственост на сега приведеното лице и избегале. При паничен маневар со возилото, сега притворениот со задниот дел од автомобилот ја удрил сопственичката на продавницата нанесувајќи и телесни повреди, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.  

На 11 овој месец, лицето е приведено во полициска станица во Скопје а по овластување на Јавен обвинител е повикано во СВР Охрид заради вршење на процес за негово препознавање.

 
OhridNews