Основното јавно обвинителство до Основниот суд Скопје 1 поднесе предлог за определување на мерка притвор против четири лица против коишто во средата Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави за насилство на протестите коишто се случија во вторникот пред Влада откако опозицијата објави снимки од наводни разговори на владини функционери за убиството на Мартин Нешковски.
„Поднесен е предлог за определување мерка притвор против сите четири осомничени лица, поради постоење на околности кои укажуваат на опасност од бегство и поради постоење на особени околности што го оправдуваат стравувањето дека осомничените ќе го повторат делото, а со оглед дека се работи за кривично дело против јавниот ред“, соопштуваат од Обвинителството.
Против четворицата демонстранти на возраст од 26 до 40 години е поднесена кривична пријава за учество во толпа што ќе спречи службено лице во извршување на службени дејствија. Дел од осомничените демонстранти веќе имале кривични пријави за повеќе кривични дела, како и за нарушување на јавниот ред и мир.
Освен нив, идентификувани се уште девет други лица, од кои седуммина од Скопје и две лица од Битола осомничени за насилни инциденти на протестите.
Протестите во вторникот завршија со судир меѓу демонстрантите и полицијата и на крајот на протестот имаше повредени полицајци и демонстранти и приведени лица. Протестите коишто беа организирани во средата се одржаа пред Собрание и завршија без поголеми инциденти.
OhridNews
извор Макфакс