СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава по брза постапка за кривично дело „предизвикување општа опасност“, предвидено и казниво по член 288 од Кривичниот законик против Е.Ј.(40) од Скопје.

Како што информира МВР, по преземени мерки и активности од страна на Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни деликти при СВР Скопје, лицето беше лишено од слобода вчеравечер (06.07.2022) во 20.10 часот, бидејќи околу 19.40 часот, во текот на одржување на јавен сoбир на граѓани организиран преку социјални мрежи, за време на инцидент на плоштадот „Скендербег“ на бул.„Гоце Делчев“, извадил пиштол „Walter P99“, кој го поседувал со дозвола и испукал во воздух.

Пиштолот му е одземен и вештачен, обезбедени се сите докази против него, за што во соработка со ОЈО Скопје лицето е изнесено пред Судија на претходна постапка, соопшти МВР.

Постапувајќи по поднесена кривична пријава, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 40-годишен скопјанец за кого постои основано сомневање дека сторил кривично дело – Предизвикување општа опасност по член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти вечерва Јавното обвинителство.

За две други лица, пак, Основното јавно обвинителство Скопје повело постапка за кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Првиот од нив, на возраст од 18 години, стои во соопштението, е осомничен дека на 5 јули, за време на протестите пред објектот на Собранието, учествувал во толпа која сторила кривично дело – насилство, така што подготвил „молотов коктел“ во стаклено шише кое го наполнил со бензин, му ставил парче ткаенина и го запалил. Шишето го дал на друг учесник во толпата, кој го фрлил кон поставениот кордон од полициските службеници за обезбедување на јавниот ред и мир пред зградата на Собранието. Скопјанец нa возраст од 22 години, пак, за време на протестите пред Собранието на 6 јули, исто така учествувал во толпа која сторила кривично дело – насилство, така што од својот ранец извадил камења и запалки, со кои во неколку наврати фрлал кон зградата на Собранието и кон кордонот од полициски службеници. Притоа бил повреден еден полициски службеник.

Оценувајќи дека постои опасност тројцата осомничени да се дадат во бегство и можност да го повторат делото што им се става на товар, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје попладнево доставил предлози за определување притвор.​

OhridNews