Вчерашниот ден, иако празничен, екипите на Јавното претпријатие „Охридски комуналец “ го поминаа во дистрибуција на контејнери. Претпријатието ги доби контејнерите за собирање пластичен отпад  кои се донација од Американската агенција за меѓународен развој.

Тие доаѓаат во вистинско време,  а се дел од кампањата „Препознатливо чист“. Ефектите од нејзината реализација која започна на почетокот од месецов се видливи и на терен, велат од претпријатието.

Корисниците на услуги од „Охридски комуналец“ со сметките за ѓубретарина добиваат и флаери со едукативен материјал,а во рамките на оваа кампања се предвидени и  предавања во основните училишта и во градинките, како и непосредни средби со  граѓаните.

Оваа акција претпријатието го чини околу 75 илјади денари, а  е мотивирана од Законот за јавна чистота кој се применува од минатиот месец. „ Се помалку  граѓани  се јавуваат за вршење општокорисна работа како замена за паричната казна, што потврдува дека нивото на свеста, сепак оди во нагорна линија“, вели координаторот на кампањата, Сашо Алче.

Од политичката партија Сојуз на Египќани реагираат дека Законот за јавна чистота се применува селективно и оти најголемиот број санкции според овој закон им се изречени на Египќаните како материјално најзагрозена категорија граѓани, но лојални на државата.

Освен инспекторите и комуналните редари,  казна може да изрече и униформирано лице. Само за илустрација, од 3 до 6 овој месец се изречени 42 казни за прекршување на законот за јавна чистота. Полицијата соопшти дека најголемиот дел од нив се однесуваат на јавни површини, а дел од прекршоците се направени на отворен простор пред јавни објекти.